Компании

APTIV
Лого од компанија

APTIV е глобален лидер во автомобилската индустрија, посветен на создавање иновативни решенија за безбедност, поврзаност и одржлива мобилност. Нашата фабрика во Скопје, основана во 2016 година, се фокусира на напредни решенија во автомобилската електроника и развој на технологии за електрични возила.

Мисијата на APTIV е да создадeме поврзани, автономни и одржливи решенија кои ја трансформираат мобилноста, со акцент на безбедноста и намалување на влијанието врз животната средина. Нашата визија е да ја водиме иднината на автомобилската индустрија преку иновации кои го подобруваат животот на луѓето и патувањата да бидат побезбедни и поефикасни.

APTIV нуди уникатни можности за студентите да се развиваат во високотехнолошка и иновативна средина. Праксите и можностите за работа со ментори им овозможуваат на младите професионалци да работат со најновите технологии и да стекнат искуство во автомобилската индустрија. Стипендијата/праксата трае минимум еден месец и е идеална за развој на амбициозни студенти и млади лица.

Во потрага сме по студенти од 3та и 4та години од Машински и Електро факултет со технички познавања од инженерство, електроника или мехатроника.

Придружете се на APTIV и развивајте ја својата кариера со нас, станете дел од еден од најиновативните тимови во автомобилската индустрија!

Titan
Лого од компанија

Цементарница УСЈЕ АД Скопје е производител на цемент и на други градежни материјали. Како членка на Групацијата ТИТАН, работи според најдобрите светски практики водејќи грижа за потребите на општеството и одржливиот развој преку одговорност и интегритет. Цементарница УСЈЕ создава вредност преку трансформација на суровините во основниот градежен производ – цементот, служејќи ѝ на општествената потреба за квалитетно, безбедно и трајно домување и инфраструктура.Цементарница УСЈЕ е посветена кон одржливост и има за цел да одговори на глобалните предизвици за одржливост во рамките на Целите за одржлив развој на Обединетите нации 2030. Цементарница УСЈЕ е членка на Глобалниот договор на ОН од 2008 година.

ПОСВЕТЕНИ НА ФУНДАМЕНТАЛНИТЕ ПОТРЕБИ НА ОПШТЕСТВОТО

Водени од посветеноста да ги опслужиме фундаменталните потреби на општеството, ние произведуваме материјали за изградба на градби, кои од друга страна обезбедуваат покрив над главата, ја овозможуваат трговијата и го поттикнуваат поврзувањето. Нашите деловни активности вклучуваат производство на цемент, бетон, агрегати, малтери и други градежни материјали. Целосно сме посветени на високиот квалитет што гарантира безбедност, издржливост и ефикасност на нашите производи и услуги.

IT Labs
Лого од компанија

Во IT Labs, ние сме фокусирани на обезбедување платформа која овозможува професионален раст и развој преку континуирано менторство и работа на возбудливи, меѓународни проекти. Постоиме повеќе од 15 години и броиме 200+ членови на тимот во екосистемот на IT Labs.

Преку нашите тимови, ние се стремиме да им обезбедиме на нашите клиенти најдобра можна услуга и производи кои можат да им помогнат да се истакнат на пазарот и да постигнат долгорочен успех.

Сè што правиме како компанија го засноваме на пет принципи - луѓе, интегритет, извонредност, проактивност и иновации - сето тоа внесено во нашето основно верување: меритократија. Најдобрата идеја секогаш победува, а ние со посветеност ги поддржуваме и им помагаме на нашите тимови да ја претворат идејата во реалност.

Со горенаведеното, одржуваме здрава и стимулативна работна средина која им помага на луѓето да станат најдобрата верзија од себе на професионално и лично ниво. Работиме, се забавуваме, си оддаваме признание кога ги надминуваме очекувањата, но пред се, се однесуваме еден кон друг со најголема почит.

За да дознаете повеќе за нас, кликнете овде: https://www.it-labs.com

TAB MAK
Лого од компанија

Компанијата ТАБ д.д. е основана во 1965 година како подружница на фирмата Рудник Межица Холдинг во област каде што се занимаваат со олово преку 350 години. Првите 15 години фирмата била лиценциран партнер на Тудор од Шведска. Денес, ТАБ произведува широк спектар на оловно-киселински, ВРЛА АГМ и ВРЛА Гел батерии и акумулатори во три најмодерни фабрики во ЕУ.

ПРВА ЛОКАЦИЈА (Словенија, Межица): Фабрика којашто призведува ИНДУСТРИСКИ АКУМУЛАТОРИ, трговска марка ТАБ, со годишен капацитет од 1.5 милиони парчиња со средна големина на тракциони и стационарни ќелии. ФАБРИКА ЗА РЕЦИКЛАЖА. Од околу 50 000т отпад на олово ние произведуваме околу 30 000т меко олово годишно.

ВТОРА ЛОКАЦИЈА (Словенија, Межица): Фабрика, која произведува СТАРТЕР АКУМУЛАТОРИ коишто се продаваат под трговската марка ТАБ марки Топла I ТАБ и Весна, плус First Equipment-OEM (Прва Опрема) со годишен капацитет од 2.0 милиони до 2.5 милиони парчиња (зависно од типот на акумулаторот).

ТРЕТА ЛОКАЦИЈА (Македонија, Пробиштип): Денес, ТАБ МАК ДООЕЛ Пробиштип брои околу 600 вработени и на годишно ниво произведува 400.000 парчиња индустриски ќелии под трговската марка “ТАБ“ и 3 милиони парчиња стартни наливни акумулаторски батерии под трговските марки “TAB, TOPLA, VESNA и VALTHOR “, а додека во погонот за рециклажа на стари акумулатори се произведуваат 12.000 тони олово кое понатаму се употребува во редовното производство. Со своите капацитети, “ТАБ‐МАК“ го опслужува пазарот во Македонија и има пазарен удел од 60%, додека 97% од вкупното производство на компанијата е наменето за пазарите во на Западна Европа: Шпанија, Италија, Франција, Велика Британија, блискиот исток, како и други пазари во светот.

Заштитата на животната средина е длабоко вградена во корпоративната ДНК на компанијата, со силна посветеност на рециклирање на отпадните акумулаторски батерии како клучен дел за зачувување на природата и промовирање на кружната економија. 2023 година во употреба е пуштен фотоволтаичниот парк, при што правиме уште еден чекор кон искористување на обновливите извори на енергија и намалување на штетното влијание врз животната средина. Овој парк е симбол за колективната посветеност на “ТАБ“ Словенија и “ТАБ‐МАК“ на зелената енергија и ја нагласува важноста на одржливите практики за заштита на животната средина за идните генерации.

ВДЛ Ван Хоол Македонија
Лого од компанија

Компанијата ВДЛ Ван Хоол Македонија, дел од холандската групација ВДЛ (VDL Groep), со својот производствен погон за автобуси во Македонија во Бунарџик, Илинден, постои и работи од 2013 година. Фабриката зафаќа површина од над 78.000 m², и вработува преку 1.300 професионални мајстори, инженери и други струки од кариера, фокусирани на производството на светски познатите автобуси од брендот Ван Хоол.

Дополнително филијалата во Конингсхојкт, во Белгија, која вработува над 200 луѓе, е комплементарна со производството во Македонија преку производство на специјализирани делови, продажба, пост-продажба, набавки, развој и финансии.

Богатата историја на производството на автобуси, дополнета со огромното искуство на нашите мајстори и обуката на младите генерации ја формираат основата за високиот квалитет на нашиот производ.

Не инвестираме само во нашите колеги со знаење и ресурси, туку и во нашите добавувачи. Ние сме доверлив партнер за над 200 домашни компании од кои 20-тина снабдуваат делови и материјали кои директно се вградуваат во нашиот производ.

EVN
Лого од компанија

ЕВН Македонија, АД Скопје е енергетска компанија која на македонскиот пазар е активна од 2006 година. Дел е од ЕВН АГ Групацијата, водечки европски бренд за услуги во доменот на енергијата и животната средина. ЕВН во изминатите години инвестираше околу 690 милиони евра во подобрување на севкупниот квалитет на дистрибуцијата и снабдувањето со електрична енергија, како и на корисничките услуги.

ЕВН Македонија е составена од повеќе компании кои ги обединуваат истите вредности за врвна корисничка услуга и оддржливост: ЕВН Хоме, ЕВН Снабдување, ЕВН Електрани и Електродистрибуција.

ЕВН континуирано работи на подобрување на квалитетот и проширување на опсегот на корисничките услуги. Силен фокус во последните години даваме на дигитализацијата и креирањето на лесно и брзо достапни решенија за корисниците. Нашиот кориснички портал ЕВН Онлајн е најпосетувана и најинтензивно користена платформа за добивање и плаќање сметки. Во рамки на оваа платформа постојано се развиваат дополнителни услуги за подобро разбирање и управување со потрошувачката на електрична енергија.

Дополнително, ЕВН постојано инвестира во нови технологии и инфраструктура кои овозможуваат долгорочно сигурно снабдување со електрична енергија. Даваме силен фокус на развојот на иновативни услуги повразни со обновливата енергија и електромобилноста. Инвестициите кои ги реализираме денес, придонесуваат кон подобар квалитет на живот за нашите корисници сега, но и за идните генерации.

Особен акцент посветуваме на заштитата на животната среднина но и здравјето, безбедноста и личниот и професионалниот развој на вработените. Одржливоста е втемелена во секој аспект на нашата работа и поради специфичната природа на нашата дејност, даваме дополнителни напори за вложување во проекти од овој домен.

MECOMS
Лого од компанија

MECOMS е дел од групацијата Ferranti која постои на пазарот повеќе од 45 години и располага со развиена мрежа на канцеларии и сертифицирани партнери низ целиот свет.

Нашиот продукт MECOMS 365 опфаќа неколку модерни cloud решенија што ги користат најновите Microsoft технологии со цел да се опфатат сите интерни процеси во работата на компаниите за снабдување и испорака на енергенси.

Платформата е базирана на Microsoft Dynamics 365 платформа и е тековно активна во 18 земји низ светот, преку 55 инсталации на MECOMS продуктот.

SASA
Лого од компанија

Рудникот за олово и цинк Саса е најголемиот подземен рудник во Северна Македонија. Се наоѓа во североисточниот дел од земјата, во близина на Македонска Каменица. Од ноември 2017, Саса е дел од Централ Азија Металс (AIM: CAML), интернационална рударска компанија која котира на AIM-пазарот на Лондонската берза.

Годишно во просек во Саса се ископуваат околу 800.000 тони руда и се произведуваат околу 28.000 тони оловен концентрат и 20.000 тони цинков концентрат кои примарно се извезуваат во топилници во ЕУ. Ископувањето и транспортот на рудата до површината, вклучително и подземниот транспорт на персоналот, се врши со современи машини и опрема од реномирани светски производители.

Во Саса директно се вработени околу 770 лица, најголем дел жители на локалната заедница. Нивното колективно знаење, вештини и искуство се од витално значење за развојот на рудникот. Компанијата дополнително ангажира и одреден број надворешни експерти и специјалисти, правејќи го рудникот Саса еден од најголемите работодавачи во овој дел на земјата.

Од вклучувањето на Централна Азија Металс до денеска, во Саса се инвестирани околу 80 милиони долари во современа рударска опрема, дигитализација на техничките процеси, реализација на капитални проекти, подобрување на безбедноста, подигнување на стандардите и условите за работа во рудникот, како и во професионалниот развој и едукација на вработените.

Кристофер Колбурн, генерален директор на Саса:
„Задоволни и горди сме на сето она што како тим успеваме да го постигнеме во изминатиот период. Со огромни залагања од сите и континуираната поддршка што ја добиваме од Централ Азија Металс, Саса успева успешно и на одржлив начин да продолжи да работи и да се развива, креирајќи вредност за сите засегнати страни, обезбедувајќи благосостојба за своите вработени и нивните семејства, поддржувајќи ја локалната заедница и придонесувајќи за просперитетот на земјата.
Очекувам дека со финализирањето на нашите нови капитални проекти и ставањето во функција на новите постројки, во чија изградба вложивме големи средства, енергија и знаење, добиваме поефикасни рударски технологии за оптимизирање на производството кои ќе обезбедат безбедна, еколошки одговорна и стабилна работа на Саса во годините што доаѓаат“

Во текот на изминатите три години, CAML работеше на три значајни капитални проекти кои ќе ја трансформираат Саса. Првиот е изградба на постројка за подготовка на паста за засип (PBF) со придружна инфраструктура, дизајнирана да создаде побезбедна и поодржлива подземна работа на рудникот и истовремено да го продолжи неговиот животен век. Употребата на паста за засип ќе ја максимизира екстракцијата на ресурсите, намалувајќи ја потребата од оставање на руда на самото место, овозможувајќи и помали количини од неа да се искористат.

Вториот проект е изградбата на постројка за подготовка на јаловина за суво одлагање (DST), заедно со површина за одлагање. На ваков начин ќе се намали еколошкиот отпечаток, со тоа што Саса нема да има потреба да гради уште едно јаловишно езеро во текот на постојниот животен век на рудникот - до 2039 година. Наместо тоа, јаловината ќе се складира во новиот DST-објект или ќе се користи како паста за засип под земја. Ова ќе овозможи, почнувајќи од крајот на 2026 година, 70% од минералниот остаток од производството да се складира на поодговорен начин за животната средина, заедно со намалување од 75% на искористувањето на површинските води.

Третиот проект е развој на нов поголем централен пристап во рудникот, што ќе овозможи поефикасно транспортирање на рудата и намалување на времето на транспорт на персоналот кој работи под земја.

Одржливоста е суштински дел од сите активности на Саса и е интегрирана во нашата деловна стратегија. Рудникот работи во целосна согласност со национални закони и прописи, ги имплементира најдобрите меѓународни индустриски практики и стандарди за управување со квалитет, заштита на животна средина и здравјето и безбедноста при работа. Комуникацијата и соработката со сите засегнати страни се одвива на фер и транспарентен начин. Исто така, Саса е првиот рудник во земјата со A-интегрирана еколошка дозвола, која неодамна беше обновена и проширена, со што дополнително се потврдува успешното управување со компанијата.

Работата и иднината на Саса се суштински поврзани со животот и просперитетот на заедницата. Во изминатите шест години, успешното работење на рудникот Саса му овозможи да плати повеќе од 85 милиони долари во форма на различни даноци, кои се искористени за поддршка на развојот на земјата и подобрување на квалитетот на животот на луѓето на државно и општинско ниво.

Дополнително, преку својата Саса Фондација, компанијата секоја година вложува и дополнителни средства наменети во локалната заедница, поддржувајќи го образованието, науката, заштитата на животната средина, здравството, спортот и ранливите социјални групи.

Codeit Solution
Лого од компанија

Кодит Солушн е златен партнер на Magnolia Int и Bronze Adobe Experience Manager парнер и како компанија е фокусирана да достави услуги базирани на овие технологии. Основана е во 2012 година и веќе 12 години докажува дека се е возможно, без разлика дали станува збор за креирање и на најкомплексите софтверски решенија или креирање пат за идеалната ИТ кариера за своите вработени.

Key Phrases:

Everything is possible.
Let’s code it together!
Your dream career might be code it.

Okta
Лого од компанија

ОКТА е најголемиот снабдувач на горива во земјата, обезбедувајќи го пазарот со висококвалитетни производи кои ги задоволуваат последните локални и европски стандарди. Во 2018 година, ОКТА како модерна енергетска компанија, во своето портфолио ги додаде производството на електрична енергија од обновливи извори и снабдувањето и менаџирањето енергија за своите клиенти. Преку трговија на големо ОКТА опслужува големо портфолио на клиенти, од земјава и регионов, од мали претпријатија па сé до големи индустриски објекти и владини институции. Благодарение на долгогодишното искуство и лидерство на пазарот, компанијата има развиено врвен логистички систем кој овозможува брзо и сигурно снабдување на клиентите со горива. Основана во 1978 година, компанијата е предводник во сферата на трговија, снабдување и дистрибуција на нафтени деривати во регионот. Како дел од една од најголемите групации во енергетскиот сектор – Helleniq Energy, ОКТА постојано воведува меѓународни вештини, иновативни решенија и најнови технолошки трендови.

Нашата стратегија за човечки ресурси е неразделно врзана со мисијата и целите на нашата компанија, притоа се стремиме:

  • Да бидеме работодавец кој ќе биде прв избор, со вработени кои се главната конкурентна предност на компанијата.
  • Постојано да вложуваме во нашите вработени и да го поддржуваме нивниот професионален развој.
  • Нашите луѓе да бидат задоволни со нивната работа и да се чувствуваат горди што се дел од тимот на ОКТА.

Нашиот тим се состои од талентирани луѓе, професионалци во својата област, кои работат на најнапредните технички и комерцијални проекти во енергетскиот сектор во земјата.

Sorsix
Лого од компанија

Во Sorsix креираме иновативни производи преку мапирање на комплексните здравствени процеси. Нашите клиенти се приватни и јавни даватели на здравствени услуги во Австралија, САД, Нов Зеланд како и целокупните здравствени системи во Македонија и Србија. Sorsix International е ISO 9001, ISO 14001, ISO 27001, ISO 20000 и ISO 22301 сертифицирана компанија.

Нашиот персонал се искусни ИКТ професионалци кои успешно развиваат продукти и истите ги испорачуваат кај крајните клиенти. Во нашата компанија денес работат 140 вработени распоредени согласно професионалното искуство, чијашто бројка константно се зголемува согласно растењето на компанијата.


Наша цел:

Како ИКТ компанија веруваме дека технологијата може да додаде вредност за човештвото. Современите технологии се моќни, и како општество, сè уште чепкаме по површината на она што можеме да го направиме користејќи ги соодветните алатки.

Како компанија, секогаш сме биле насочени кон тоа да направиме позитивна промена за човештвото користејќи ја технологијата. Таа промена е исклучително важна во здравствениот сектор. Медицинските професионалци ги заслужуваат најдобрите алатки и најмоќни решенија за да можат да обезбедат одлична нега за своите пациенти.

Ние постоиме за да им помогнеме на луѓето, а преку тоа помагање сме на чекор поблиску да направиме разлика во животот на милиони корисници на здравствени услуги.


Предности да се работи во Sorsix:

Нашите компаниски вредности се : доверба, тимска работа, отвореност, баланс, квалитет и партнерство.

Нудиме флексибилно работно време, поттикнуваме баланс меѓу приватниот и професионалниот живот, нудиме размена на знаење и искуства преку Технички семинари, организираме забавни настани за вработените каде што можат да поминат квалитетно време со своите колеги.

Во Sorsix работиме со најдобрите, бидејќи нашиот тим е нашата силна страна. Имаме култура која поддржува долгорочен личен и професионален раст и развој. Ова го обезбедуваме преку грижа за нашите вработени.

Работната средина е водена од доверба и транспарентност, во која си веруваме меѓусебно дека ќе го оствариме она за кое сме се договориле.

Веруваме во решавање на проблемите, пред истите да прераснат во кризи. Препознатливи сме по стабилност и можност за предикција при работењето. Решенијата што ги градиме имаат за цел да им помогнат на нашите партнери да бидат конкурентни на пазарот.

Code Chem
Лого од компанија

CodeChem e софтверска компанија која ги нуди најиновативните и најавтентичните решенија за потребите на своите клиенти. Нашата мисија е постојано учење и наоѓање подобар начин кон совршеното решение. Искрениот пристап, љубовта кон кодирање и споделување на знаењето е она што сме денес, местото каде секој софтверски инженер се стреми да ја изгради својата кариера.

Од најмали идеи до најголеми интелектуални решенија произлезени од главната алатка на CodeChem - луѓето, градиме софтвер според барањата на нашите клиенти кои секогаш придонесуваат кон успех, профит и продуктивност во различни сфери, користејќи ги најсовремените и најбараните технологии.

Главниот фокус на CodeChem е и придонесување кон open-source проекти, кои овозможуваат учење и надоградување, транспарентност и автентичност. Работaта со автентични софтверски решенија со помош на последните технологии и стратегии постојано ни отвора големи можности. Работиме на општествено корисни проекти и соработуваме со големи и познати брендови и компании од разни водечки индустрии.

Тимот на софтверски инженери во CodeChem има една цел, а тоа е да се задоволат очекувањата и потребите на клиентите нудејќи го најдоброто решение преку заеднички раст, комплексно решавање на проблемите и реализирање на идеите. Професионалниот пристап во секој аспект на работата е она што ги прави клиентите задоволни, а нас ни отвора врата за долгорочна и успешна соработка.

Кои се нашите вредности?

Хемијата помеѓу луѓето и културата на компанијата е главната алатка на CodeChem која ја прави препознатлива, успешна и посакувана средина за градење на својата кариера.

Во 2015 год. CodeChem ја започна својата приказна со тим кој броеше само 7 луѓе. Иако целите и мисијата никогаш не се променија, денес имаме повеќе од 90 вработени и постојано растеме и се надоградуваме. Нашиот тим се состои од инженери кои секогаш соработуваат заедно, го споделуваат своето знаење и на тој начин заеднички ги остваруваме нашите цели. CodeChem е македонска компанија лоцирана во Скопје, но имаме канцеларии и во Канада и Германија.

Доколку се пронајдеш и ти во оваа приказна, се надеваме дека CodeChem ќе биде местото каде што ќе ја изградиш својата иднина! https://codechem.com/careers

Комерцијална Банка
Лого од компанија

Комерцијална банка АД Скопје е банка со традиција и е клучниот партнер на компаниите и столбот на доверба кај граѓаните во земјава. Одговорноста, транспарентноста, ефикасноста, иновативноста, силната домашна и меѓународна репутација се вредностите кои Комерцијална банка ја прават традиционално прв избор на клиентите.

Комерцијална банка е универзална банка која нуди широк спектар на традиционални и дигитални банкарски производи и услуги за лични и корпоративни финансии и низ годините од своето постоење континуирано создава нови вредности, отвора врски кон светот и гради високо професионален, стручен и сплотен тим.

Банката подеднакво се грижи и за начинот на кој ги развива и нуди своите производи и услуги, при што ги следи најновите трендови во светот, инвестира во иновации, води сметка за етичките стандарди и воспоставува однос на доверба и достапност за потребите на своите клиенти.

Поистоветувајќи го напредокот на општеството во целина со својот сопствен напредок, Комерцијална банка е посветена и на општествено одговорни активности и реализација на бројни донации за да создадеме подобар свет, поздрава и почиста средина за живеење и за да ги инспирираме другите да ја следат нашата посветеност

Наш слоган: Полесно е заедно

Број на филијали и експозитури: 60

Број на АТМ / Банкомати: 174 локации низ државата

Дигитални киосци: 16

Број на вработени: 958

Добиени награди и признанија во 2023 г.:

  • „Банка на годината во 2023 година во Република Северна Македонија“, прогласена од угледниот финансиски магазин The Banker по 10-ти пат,
  • „Најдобра банка во Северна Македонија за 2023 година“, доделена од магазинот Global Finance по 12-ти пат,
  • „Врвен иноватор во корисничко искуство за 2023 година за услугите преку OneID“, награда доделена од магазинот Global Finance, со која ја рангираше Комерцијална банка меѓу топ финансиските иноватори во светот,
  • “Best buy award” за 2023/2024 година од швајцарската организација ICERTIAS затоа што Комерцијална банка нуди најдобар однос помеѓу цената и квалитетот,
  • Признание „Exceptional Merchant Acquiring Growth“ од светскиот авторитет во дигиталните плаќања Visa за остварен најголем раст во прифаќањето картички во електронска трговија во земјава во 2022 година,
  • “Most active issuing bank in North Macedonia in 2022”, признание за најактивна банка во меѓународната трговија доделено од Европската банка за обнова и развој по 19-ти пат,
  • „Најтранспарентно котирано акционерско друштво во 2023 година – по избор на пазарните учесници“, награда доделена од Македонската берза.

Laminati Kom
Лого од компанија

Добредојдовте во Laminati Kom, компанија со над 50 години традиција во производството на технички електроизолациони ламинатни композитни материјали за различни индустрии.

Нашиот тим на експерти успешно го трансформираа Ламинати Ком во глобален снабдувач на композитни материјали, инженерски пластики и машински резервни делови за повеќе индустрии.

Во Ламинати Ком, веруваме во моќта на нашиот тим. Нашиот посветен тим обезбедува исплатливи конструктивни решенија за различни технички прашања, осигурувајќи се дека ќе одржиме блиски односи со нашите клиенти. Знаењето, иновациите, флексибилноста, ефикасноста и конзистентноста на нашиот тим се во основата на нашиот успех.

Специјализирани сме за производство на технички електроизолациони ламинати, кои се составни материјали на индустрии како електроиндустриска металургија, железници, рударска индустрија, телекомуникации и други.

Ви благодариме што го избравте Ламинати Ком за вашите технички потреби. Ние сме посветени да Ви ги обезбедиме најдобрите производи и услуги за да Ви помогнеме да ги постигнете Вашите цели.


ЕУРОПРОФИЛ АД

Ламинати Ком е исто така и матичната компанија на ЕУРОПОФИЛ АД, подружница која е специјализирана за дизајн и производство на напредни композитни материјали со пултрузија технологија. Со огромното искуство на Ламинати Ком и експертизата на ЕУРОПОФИЛ АД за пултрузија, ние можеме да им обезбедиме на нашите клиенти решенија кои ги задоволуваат нивните специфични потреби и барања.


Управување со квалитетот, одржливоста и основните вредности

Во нашата компанија, ние се обврзавме да обезбедиме најквалитетни производи и услуги на нашите клиенти. Веруваме дека оваа посветеност е фундаментална за нашиот успех. Ние се стремиме да обезбедиме нашите производи и услуги да ги исполнат барањата на нашите клиенти и да се усогласат со највисоките стандарди за квалитет. За таа цел, постигнавме ISO 9001 и ISO 14001 сертификации, кои ја покажуваат нашата посветеност на извонредноста во квалитетот и управувањето со животната средина. Покрај тоа, нашите основни вредности се луѓето, иновациите, дигитализацијата, образованието, задоволството на клиентите и континуираното подобрување ги формираат сите наши одлуки и ја поттикнуваат нашата посветеност на квалитетот.

Wabtec
Лого од компанија

ВАБТЕК е светски позната водечка компанија од областа на железничката индустрија која произведува локомотиви и друга опрема за возови, трамваи и шински возила. Почетоците на компанијата датираат од далечната 1869 година во САД кога е формирана од страна на познатиот американски изумител Џорџ Вестингхаус, близок пријател и соработник на Никола Тесла. Низ текот на годините, ВАБТЕК прераснува во лидер во својата област и во моментов е рангирана на листата на Fortune 500 најбогати компании во светот, присутна во повеќе од 50 држави и вработувајќи повеќе од 27.000 лица од целиот свет.

Во својот производствен погон во Скопје, ВАБТЕК произведува сопирачки системи за товарни и патнички возови и шински возила и вработува повеќе од 370 лица. Кочниците на ВАБТЕК Скопје се користат низ целиот свет, од далечните Кина и Индија, преку најголемите западно-европски држави како Италија, Германија, Франција до егзотичните Бразил, Мексико и Јужна Африка.

Темелните вредности на ВАБТЕК се клучниот аспект кој го разликуваат ВАБТЕК од останатите компании. Една од темелните вредности е „Безбедноста пред сѐ“ – мото кое значи безбедна и здрава работна средина за сите. Грижата за вработените и нивната безбедност е топ приоритет на компанијата. Освен за безбедноста, ВАБТЕК се грижи и за мотивираноста на своите вработени преку нивен постојан кариерен развој, одржување на конкурентно ниво на плати и останати додатоци и надоместоци, учество на бројни спортски активности и настани кои не само што го градат тимскиот дух туку и служат за поттикнување на здрав начин на живот. Неодамна компанијата во своите објекти отвори и просторија за спорт и рекреација на вработените во која тие може да ја поминат својата дневна пауза и да се рекреираат од дневните обврски и задачи.

Освен по безбедноста и грижата на вработените, ВАБТЕК Скопје е познат и по иновациите и воведувањето нови технологии. Компанијата е во постојан процес на усовршување на своите производи, така што досега е носител на голем број патенти и иновации. Дополнително, компанијата постојано прави трансфер на нови технологии и процеси преку комуникација со своите сестрински компании од други држави. Во моментот ВАБТЕК Скопје располага со најголемиот машински парк на ултра-модерни CNC машини во државата. Компанијата има долгорочни планови за проширување на својот бизнис и инвестирање во нови машини, технологии но и во стручен кадар кој ќе биде двигател на иднината.

Доколку сакате својата кариера да ја градите во модерна компанија со меѓународно бизнис опкружување, доколку Ве привлекува машинството и работењето со најсовремени CNC машини, доколку сте инженер, техничар, но и економист, специјалист за набавки, човечки ресурси, контролор за квалитет или технолог и барате личен кариерен развој по највисоки светски стандарди, тогаш ВАБТЕК Скопје е Вашата следна кариерна дестинација.

A1
Лого од компанија

А1 Македонија е членка на Групацијата А1 Телеком Австрија, водечки провајдер за комуникациски и дигитални решенија што постојано ги имплементира најсовремените технологии што обезбедуваат највисоко ниво на квалитет на услуга за своите корисници.

Повеќе од 1000 вработени, под брендот А1, се грижат за обезбедување на најдоброто корисничко искуство за над 1.200.000 корисници.

Makstil
Лого од компанија

Макстил АД е регионален лидер во производството на топло валани лимови, со седиште во Скопје, Северна Македонија. Поседува долго искуство во индустријата, на што се должи присуството во повеќе од 40 земји. Компанијата котира на Македонската берза и е во мнозинска сопственост на DITH (Duferco Trading International Holding). Производниот дел на Макстил е составен од Челичарница за производство на слабови и Валавница за производство на топло валани лимови. Капацитетот на производство на годишно ниво изнесува 550 000 тони слабови и 350 000 тони лимови.

Макстил АД е основана во 1997, по сопственичкото преструктурирање на Рудници и железарница „Скопје“, која отпочна со производство во 1967 година. Во март 1997, DITH ја започна инвестицијата во Макстил.

Трговската и дистрибутивна мрежа на DITH во Лугано, Швајцарија е одговорна за околу 80 проценти од вкупните продажби на Макстил АД на регионалниот пазар на ЕУ, но исто така и на други пазари, како што се САД, Канада, Блискиот Исток и Северна Африка. Продажниот тим на Макстил АД во Скопје е одговорен за продажбите на домашниот пазар, вклучително Турција, Романија и балканските држави.

Макстил АД Скопје вработува околу 1000 луѓе и се залага за висококвалитетни производи направени на безбеден, одржлив и еколошки начин. Компанијата поседува бројни сертификати за потврда на квалитет, издадени од реномирани меѓународни тела и институции во металната индустрија. Производите се доставуваат до клиентите соодветно нивните потреби, според сложени спецификации и без ограничување во големина и квалитет, со кратко време на испорака, нудејќи дополнителни услуги по продажбата.

Макстил АД Скопје е еден од двигателите на економијата во Северна Македонија и компанија која има изградено исклучителна програма за општествена одговорност и ESG стандарди за поддршка на заедницата во која работи.

Emit Knowledge
Лого од компанија

Пред вас е можноста за прекрасно патешествие кон искачување по кариерното скалило на она што е познато како развој на софтверски решенија и продукти, како и истражување и развој.

Веќе единаесет години го градиме, развиваме, подобруваме и одржуваме нашиот брилијантен инженерски тим, во кој секој поединечно допринесува кон планирањето и развивањето на продуктите, подобрувањето на процесите, зголемувањето на квалитетот, намалувањето на трошоците, и секако кон помагањето на помалку искусните колеги во нивниот развој и учење.

Суштината и квалитетот на Emit Knowledge зависат од секоја индивидуа посебно и се гледаат во:

  • Транспарентноста
  • Луѓето и нивните интеракции
  • Компаниската култура
  • Добросостојбата на сите вработени
  • Начинот на кој пристапуваме кон заедничката цел – продуктите, клиентите и партнерите

Не заборавајте да трчате по остварувањето на вашите соништа, бидејќи “Time is what we want most, but what we use worst”, William Penn.

Mikrosam
Лого од компанија

Во Микросам, секој успешен проект започнува со идеја, но за неговата реализација заслугата ја носат нашите посветени инженери. Тие се срцето на нашиот успех – нивната креативност, тимска работа и посветеност овозможуваат создавање на иновативни решенија кои ја обликуваат иднината на технологијата. Но, ова е двострана приказна. Она што го очекуваме од нив е истовремено и она што го нудиме за возврат.

Прочитајте ги 5-те работи што ги цениме кај нашите инженери – и што тие го ценат кај нас.

  • 1. Креативност за решавање комплексни предизвици
    Нашите инженери размислуваат „надвор од кутијата“. Секој проект има свои уникатни барања, а тие постојано наоѓаат иновативни решенија за клиентите ширум светот.

    „Предизвикувачко во мојата работа е трансформацијата на идејата од збор на лист хартија во целосно финален производ. Индустријата е динамична – секоја машина е уникатна, дизајнирана за специфичен клиент. Благодарение на ова, постојано учам и се усовршувам.“
    – Виктор, машински инженер

  • 2. Тимска работа како основа за успех
    Иновациите се резултат на соработка. Во Микросам, тимовите комбинираат искусни професионалци и млади таленти, создавајќи инспиративна средина за размена на идеи.

    „Тимот е мојата најголема мотивација. Благодарение на нивната поддршка, конструктивни критики и позитивна атмосфера, секој ден сакам да одам на работа! Одлично е да бидеш дел од успешни проекти и динамична средина со светски гиганти.“
    – Тамара, електро инженер

  • 3. Постојано учење и развој
    Секој ден носи нови можности за учење, благодарение на современите технологии и поддршката за професионален раст.

    „Секој нов ден, секој нов проект претставува нов предизвик. Постојано учам нешто ново, без разлика колку години имам искуство. За да ги завршам задачите морам постојано да се надоградувам и да осознавам нови технологии. Најголем мотив е кога ќе ги видам задоволни купувачите по успешно завршена машина.“
    – Илија, електроинженер

  • 4. Почит и поддршка за личните и професионалните цели
    Среќни инженери се продуктивни инженери. Во Микросам почитуваме баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот, и секогаш сме подготвени да го поддржиме нашиот тим.

    „Микросам ми даде можност да ги документирам истражувањата и резултатите од мојата работа. Од тоа произлегоа научни трудови, магистерски и докторски истражувања кои ќе бидат темел за идни развои во индустриската роботика.“
    – Дијана, софтвер инженер

  • 5. Страст за иновации и глобално влијание
    Нашите инженери не само што развиваат машини, туку создаваат иднина и вредности кои влијаат на милиони луѓе.

    „Микросам ги надминува границите – машините стигнуваат до сите делови на светот. Никогаш не помислив дека ќе посетам толку земји, а овде тоа е реалност. Работам рамо до рамо со најдобрите инженери и управувам со врвна технологија за авионската и вселенската индустрија.“
    – Бобан, софтвер инженер

Придружете ни се!
Ова е само дел од она што го нудиме и бараме. Ако сакате да бидете дел од тимот на инженери кои создаваат иднина, проверете ги нашите отворени позиции и аплицирајте уште денес!